Разговор со К. В. Гортнер за „Заветот на кралицата“

Зошто се одлучивте да пишувате за Изабела од Кастилија?
За првпат бев маѓепсан од Изабела додека ја пишував мојата прва книга, Последната кралица, за нејзината ќерка, Хуана. Во таа книга, Изабела е триумфалната, средовечна кралица од легендите која штотуку ја освоила Гранада и ги поставила темелите за прераснувањето на Шпанија во современа ренесансна држава. Се разбира, за да ја претставам точно, истражував за неа, но моето внимание беше повеќе сконцентрирано на жената која таа станала по успешната крстоносна војна против Маврите. Без разлика на тоа, добив толку многу писма од читатели кои ми велеа дека за првпат слушнале за Изабела на училиште поради нејзината поврзаност со Колумбо и се вљубиле во неа поради мојата книга, што конечно сфатив – дури и стотици години по нејзината смрт, таа сѐ уште имаше голема влијателност. Па така, за Заветот на кралицата решив да истражам како Изабела станала кралицата која што била.
Многу од она што го знаеме за неа е контроверзно – не сакав толку да ги оправдувам нејзините дела, колку што сакав да ги разберам нејзините мотиви. На мое големо изненадување, сфатив дека сум маѓепсан од нејзиниот неочекуван пркос и храброст. Таа имала доста скромни почетоци како запоставена ќерка на кралска вдовица во егзил – никој не очекувал дека ќе стане кралица, уште помалку единствениот монарх во историјата на Шпанија кој успеал да ја обедини земјата. Нејзината љубовна врска со Фернандо од Арагон е исто така реткост во историјата – таа си одбрала сопруг во доба кога принцезите ретко, речиси никогаш, го правеле тоа, и им се спротивставила на сите за да го направи тоа, предизвикувајќи граѓанска војна.Додека истражував за неа сфатив дека, како и со повеќето легенди, Изабела е многу повеќе од она што го знаеме за неа. Таа била исклучителна во својата решителност, а сепак далеку од безгрешна во своите одлуки, а нејзините драматични почетоци не се општо познати надвор од академските кругови. Таа, во суштина, беше совршен избор за мене.

Колку време ви беше потребно да ја напишете оваа книга и какви посебни истражувања вклучуваше тоа?
Ми беа потребни приближно две години за да ја напишам. Како и со сите мои книги, истражувањето започна многу години пред тоа – за самата книга, неколкупати отпатував во Шпанија, вклучувајќи и патување на кое ги следев чекорите на Изабела, од величествениот алказар во Севиља до планинскиот град Гранада и посакуваната палата на Алахамбра, местото на можеби најпознатиот триумф на Изабела. Алказарот во Сеговија, иако доста изменет низ годините, сѐ уште носи силен печат на раните маки на Изабела, како и бедемите на Авила и уште неколку други градови во Кастилија. Исто така, ги прочитав и нејзините зачувани писма и оние на нејзините современици, како и амбасадорските записи за неа и нејзиниот двор. Изабела оставила многу малку сопствени записи кои ги откриваат нејзините лични мисли – таа не се предавала на неконтролирани изливи на своите емоции – но внимателната анализа на она што опстанало, заедно со споменатите документи и нејзините дела за време на нејзиниот живот, даваат одредена рамка во која може да се започне со градење на претставата за жената од крв и месо која таа можеби била и предизвиците со кои се соочувала.

Како се пренесувате во временскиот период за кој пишувате?
Интензивно читам пред и откако ќе започнам да пишувам што било и за сѐ што можам да најдам за моите ликови и за нивната доба. Мојата литература за една книга вклучува безброј биографии, општествени и културолошки записи, книги за уметност и архитектура, за облека, за музика и градинарство – накратко, сѐ што би ја поттикнало мојата фантазија и би ме инспирирало со детали за еден исчезнат свет. Исто така, патувам до што е можно повеќе од местата кои сѐ уште постојат и се поврзани со моите ликови – иако најчесто местата и нивниот изглед се многу изменети, за мене е незаменливо искусувањето на земјите по кои моите ликови некогаш се движеле. И ваквите патувања секогаш се исплатуваат. Во Севиља имав незаборавно искуство додека истражував за оваа книга, кое значително го смени моето гледиште за Изабела и нејзиниот престој во градот. Кога истражувате низ самите места, откривате скриени богатства кои ништо друго не може да ги смени, дури ни Интернетот. Библиотеките и архивите на градовите кои ги посетувам секогаш се бесценети за наоѓање на недоволно познати документи, како писма и сведоштва од очевидци, кои можат, понекогаш драматично, да го сменат моето толкување за одреден настан. Исто така, слушам музика од тој период и, секогаш кога можам, се обидувам да ја испробам облеката од тоа време. Иако и ова е сменето (во ренесансата немале синтетички ткаенини). Самиот чин на облекување на дублет, на дворски фустан, на наметка со качулка, или движењето со тежината на овие непознати креации, ми помага да добијам чувство за тоа како моите ликови се чувствувале кога биле облечени и, обратно, кога не биле. Исто така, практично е – ќе откриете дека потењето во кадифе е непријатно, дека јавањето или танцувањето во облека украсена со скапоцени камења е тест на издржливост и дека повеќето од облеките што ги гледаме на портретите е невозможно да се носат секојдневно. Секојдневната облека била помалку впечатлива – она што опстојало, она што го гледаме, е церемонијалниот изглед.

Која е една од најголемите заблуди за Изабела од Кастилија?
Тоа би морало да биде обвинението дека била фанатик кој уживал да гори еретици. Изабела била со изразено католичка вера, како и повеќето од нејзините современици – владетели. Таа можеби била попосветена во практика, но важно е да се сфати дека религиозното прогонување постоело низ цела Европа долго време пред таа да дојде на власт. На пример, Евреите биле протерани од Англија и Франција неколку векови претходно, а во други земји биле одвај толерирани. Страдањето на кое биле изложени, заедно со останатите кои не биле христијани, е историска неправда, но не е нешто својствено само за Изабела од Шпанија. Она што е својствено за неа е нејзиното оживување на заспаната инквизиција за решавање на проблемите со непослушноста кон католичката доктрина во шареноликата и многубројна популација на преобратеници во Шпанија (оние што преминале во христијанство во текот на генерациите, честопати како резултат на минати прогонства). Сепак, помалку е познато дека Изабела на почетокот се противела на ваквото дејство и, дури и откако на крајот потклекнала под притисоците од сите страни, настојувала инквизицијата да ги ограничи своите истраги само на сомнителните преобратеници, со тоа исклучувајќи ги Евреите од апсења и судења од нејзините власти. Фернандо и Изабела сакале да го употребат докажаниот механизам на католичката црква за да наметнат иста вера над народ кој, за волја на вистината, делел мешавина од христијански, еврејски и маварски верувања, што се должело на вековите поминати во заеднички соживот. Првата грешка на Изабела било нејзиното верување дека преобратениците ќе се покајат за своето непочитување на верата само доколку истото им биде укажано. Нејзината втора, покритична грешка, е тоа што поверувала дека инквизицијата ќе се покори на нејзините наредби. Во суштина, таа била иницијатор на монструозен систем на мачење и смрт кој не можела да го контролира, дури и ако нејзиниот наводен фанатизам бил вистинит, но погрешно насочен обид за наметнување на религиозно единство и, со тоа, спасување на нејзиното кралство од ерес. Повеќето учени луѓе во денешно време не размислуваат за ерес – тоа е еден од оние архаични концепти од минатото кои едвај ги разбираме. Но за христијаните од светот на Изабела, ересот бил вистински – тие верувале дека е закана за самото спасение на нивните души. Изабела несомнено верувала во ова и како последица на тоа, направила страшна грешка во својата проценка, иако таа немала така да гледа на тоа. Таа била мотивирана од својата должност како кралица, назначена од Бога, да ја наметне единствената вера која таа ја сметала за вистинска, а не од бесчувствителна желба да го измачува својот народ.

Кажете ни за откритие кое најмногу ве изненадило во врска со Изабела.
Немав поим дека таа имала толку напредни размислувања во врска со образованието на жените. Мораме да запомниме дека Изабела дошла на власт во Шпанија во време кога таа била расцепкана од повеќегодишно владеење на неспособни монарси – лутите ривалства и личните кавги предизвикале речиси целосно безредие, а згора на тоа, самата земја била поделена – кралството на Арагон држело голем дел од северот, Кастилија најголем дел од остатокот, а кралството на Гранада, последното упориште на Маврите, доминирало со југот. Во минатото, Шпанија била позната по своите литературни познавања и напредно образование – до време кога се родила Изабела, дури и најбогатите благородници биле одвај писмени, а жените речиси и да не биле. И таа самата немала формално образование, со исклучок на неколку основни работи. Споредувањето на нејзиното образование со она на Елизабета Тјудор, родена осумдесет и две години подоцна, ни открива зачудувачка спротивност. Имаме две од најпознатите кралици во историјата, при што секоја од нив станала симбол-олицетворение на својата земја, и додека Елизабета имала импресивно образование кое ја подготвило, макар и по случајност, да биде монарх, Изабела немала никакво. Таа цел живот жалела по својот недостаток на образование – во раните триесетти, се посветила на совладување на латинскиот и поддржала проглас кој го олеснувал запишувањето на жени на универзитетите. Таа била првата кралица во Европа која дозволила жени да можат да се стекнуваат со дипломи и да станат професори – исто така, таа ја донела првата печатница во Шпанија. Изабела била толку решена да ја промовира интелектуалната еднаквост на жените што настојувала нејзините четири ќерки да бидат образовани според новиот ренесансен стил. Како последица на тоа, инфантите станале симболи на образованието и биле многу ценети и посакувани како невести.

Како наоѓате рамнотежа помеѓу претставувањето на реализмот на времињата со чувствата на современиот читател? Сметате ли дека проблемите со кои се соочувала Изабела во нејзино време се релевантни и денес?
Секогаш е предизвик да се претстави минатото на начин кој можеме да го разбереме и со кој можеме да сочувствуваме. Религиските, расните, половите и прашањата за сексуалноста, како и начинот на кој се постапувало со животните, се преполни со контроверзии кога ќе се погледнат низ призната на минатото, затоа што тогашните луѓе не ни забележувале некаков проблем со нив, а уште помалку дебатирале за нив. Многу од слободите кои ги земаме здраво за готово биле непознати за жителите на петнаесеттиот и шеснаесеттиот век, додека немаштијата, болестите, предрасудите и нееднаквоста биле дел од секојдневието на нивните животи. За жал, сите овие проблеми остануваат дел од нашето современо општество. Иако на многу начини сме попросветлено општество, носиме остатоци од минатото со нас, а водачите низ светот се соочуваат со некои од истите проблеми како и Изабела, од аспект на осигурување на безбедност на своите граѓани, спречување на насилството и помагање на болните, гладните и оние чии животи биле растргнати од војни и страдања. Со сето ова на ум, морам да ги земам предвид и потребите на моите читатели да бидат заинтересирани од мојата приказна. Иако историската точност ми останува како главна обврска, изоставам одредени аспект од реалноста на животот во петнаесеттиот век. Го идеализираме минатото – забораваме на недостатокот од хигиена, средства за чистење, антибиотици и сл. Иако се стремам кон автентичност и избегнувам да претворам една брутална доба во „драма во костуми“, мораме да запомниме дека постои одредена доза на „реалност“ која можеме да ја примиме преку пишаниот збор. На крајот на краиштата, јас пишувам фикција. Мојата главна цел е да го забавувам читателот.

Вие сте маж кој пишува историски романи за жени. Дали ви е тешко тоа?
За чудо, не. Иако сум маж, израснав во семејство на силни жени. Пораснав слушајќи ги нивните приказни, нивните тајни, различните начини на кои жените комуницираат. Бев малото момче под масата кога моите тетки ќе седнеа на кафе и цигара – го впивав нивниот јазик на начин на кој дете впива кој било друг јазик. Па така, не ми е чудно да пишувам со женски глас. Освен тоа, нашите емоции не се дефинирани од полот – мажите и жените ги имаат истите чувства. Едноставно, научени сме од општеството како да ги изразуваме или да не ги изразуваме. Предизвикот е да не ја вметнам мојата лична пристрасност или мислења во ликот. Иако често не се согласувам со она што таа го мисли или го прави, важно е која е таа, а не која јас мислам дека би требало да биде. На некој начин, морам да го ограничам мојот сопствен карактер за да се внесам во личноста за која пишувам. Читателот не треба да ме види мене, треба
да ја види Изабела. Друг предизвик е да изградам емоционален портрет кој е во согласност со она што е познато и да се надоврзам на честопати малкуте факти на реалистичен начин, така што таа ќе ви стане на вас, читателот, комплексна и веројатна, со нејзините лични предности и недостатоци. Никогаш не сакам моите ликови да бидат копии едни на други – секој од нив мора да има свој глас, затоа што се работи за различни жени, со различни карактери. Работам напорно за да се осигурам дека секоја од нив ќе биде препознатлива и посебна.

Што се надевате дека вашите читатели ќе извлечат од вашите дела?
Целам на тоа да разоткривам тајни истории и на некој мал начин да ја вратам човечноста на луѓето кои останале во сенка на сопствените легенди. Исто така, се надевам дека читателите од моите дела ќе извлечат искуство дека биле на емоционално патување. Сакам да го почувствуваат начинот на кој овие луѓе живееле, нивните страдања и радости, и разликите и сличностите со нас. Иако животот на една ренесансна кралица бил многу поинаков од нашиот, љубовта, омразата, моќта, одбивноста, страста и мисијата за лична слобода заедно се дел од искуството да се биде човек.

Кој е вашиот најнов проект?
Во моментов работам на мојот следен историски роман за Лукреција Борџија, следејќи ги нејзините, таканаречени, ватикански години, од нејзината младост како вонбрачно дете на амбициозно шпанско црковно лице до нејзината ненадејна озлогласеност како ќерката на папата и суровата, опасна борба за самата да се дефинира како жена иако се бори за смртоносните амбиции на своето семејство. Лукреција е мојата прва жена која не била владетелка, така да се изразам, иако би можело да се рече дека во нејзините кругови била сметана за личност со кралско потекло. Повторно, вовлечен сум во скриениот живот на жена од која историјата направила злосторник, претставувајќи ја како трујачка и инцестна прељубничка. Која, всушност, била таа? Како ги преживеала сите тие драматични години натопени со крв, кога папата Александар Борџија владеел со Рим и сонувал за обединета Италија под негово владеење? Каква била вистинската природа на нејзината врска со нејзиниот моќен татко, за кој се вели дека го обожавала и со кој можеби спиела, и со нејзиниот брат Чезаре, тој загадочен воин кој станал олицетворение на најдоброто и најлошото лице на Борџиите? Штотуку започнувам да ја истражувам Лукреција и нејзиниот свет и целосно сум маѓепсан од него, како што се надевам дека ќе бидат и моите читатели.

Која била Изабела од Кастилија? Главниот лик во „Заветот на кралицата“ од К.В.Гортнер

21/06/2020

Претставување на „8/4” од Сашо Димоски

21/06/2020