Со цел да обезбедиме квалитетни, доверливи, но пред сè безбедни процедури за онлајн купување, во функција на задоволување на потребите во тековното работење на корисниците на cPay Payment Portal-от, развивме решение за кое сметаме дека во целост одговара на Вашите барања. За да се добие јасна претстава за текот на една онлајн трансакција ќе ги наведеме сите чекори.

Трансакцијата започнува на веб-сајтот на трговецот. Купувачот избира од понудените продукти или услуги и ги додава во потрошувачката кошничка. Со помош на кодот за пренасочување се пренесуваат следните податоци: вкупната вредност на потрошувачката кошничка (без децимални сепаратори), валута на плаќање (на cPay Payment Portal-от плаќањето е во денари), детали на плаќањето 1 (овој податок го пополнува трговецот или купувачот), детали за плаќањето 2 (претставува единствен идентификатор на пораката во системот на трговецот), име на трговецот и број за идентификација на трговецот, URL на кој трговецот ќе добива повратна информација за успешноста на трансакцијата.

Со кодот за пренасочување освен овие податоци, опционално може да се пренасочат и следните податоци за купувачот: име, презиме, адреса, поштенски број, земја, телефонски број и адреса на електронска пошта. Ова значи, доколку на страната на трговецот постои регистрација на купувачот, податоците за купувачот може да се пренасочат на страната на cPay и истите можат да бидат употребени за регистрација на купувачот на cPay. Со цел зголемување на безбедноста при онлајн купувањето, потребно е од трговецот да имаме информација за тоа каде се хостира неговиот веб-сајт, сите адреси со кои може да се најави веб-сајтот, дали се користи firewall.

Со одлука на купувачот да плати и притискање на копчето, купувачот се пренасочува на веб-сајтот на cPay Payment Portal-от и има можност да избере една од трите понудени опции; ако е веќе регистриран корисник, со внесување на неговото корисничко име и лозинка, може да продолжи со плаќањето; доколку не е регистриран корисник, а сака да се регистрира, неговите податоци кои се пренасочуваат од страната на трговецот може да се искористат за регистрација (доколку купувачот сака тие податоци може да ги смени); и купувачот може да избере опција да плати без да се регистрира на cPay.

Регистрирањето на купувачите на cPay е со цел зголемување на безбедноста при онлајн купувањето. Со регистрирање на cPay купувачот добива повеќе поволности: во секое време ќе има увид на сите трансакции направени преку cPay, плаќање на сметки и давачки кон државата, надополнување на припејд сметки на мобилни телефони, листа на трговци кои овозможуваат плаќање преку cPay (хиперврски до нивните страни), а исто така и купувачот во секое време може да ја дознае состојбата на сметката на неговата платежна картичка (за иматели на картички од банките во мрежата на CaSys).

При секоја трансакција се внесуваат податоците од платежната картичка. Автентикацијата на имателот на картичката се прави со помош на CVV2/CVC2 автентикацијата и доколку картичката е вклучена во 3D безбедносниот модел се прави 3D безбедносна автентикација. По извршување на плаќањето, купувачот се пренасочува повторно на сајтот на трговецот и добива информација за успешноста на финансиската трансакција.