Оваа книга обединува тринаесет текстови наменети за сценска изведба, организирани во пет темати, пишувани/изведени на сцена во периодот помеѓу 2015 и 2023 година.
Во првиот темат, насловен Митодрами, сместени се драмски текстови инспирирани од митовите на Античка Грција. Станува збор за драмските текстови инспирирани од нивните насловни хероини – Федра (праизведена во НТ „Ј. Х. К.Џинот“, Велес, во копродукција со СМГ, Љубљана, 2015 година) и Медеја (праизведена на сцената на НТ „Ј.Х.К. Џинот“, Велес, во продукција на меѓународниот фестивал Дамите од езерото, 2016 година), како и текстот за изведба на претставата Кралските копилиња (на истата сцена, 2018 година), инспириран од митскиот корпус околу Електра.
Вториот дел, со наслов Псевдоистории, обединува два текста: Ана Комнена, чија фабула е инспирирана од животот на византиската принцеза од XI век (праизведен во НТ „Ј. Х.К. Џинот“, 2017 година) и трагедијата Нерон, инспирирана од фактите и легендите за прочуениот римски император.
Третиот темат, кој ги обединува текстовите Госпоѓиците од Авињон (2018, МНТ/2022, НОБ), Помеѓу змејот и неговиот бес (Еуродрам 2020 г.), драмското либрето Уберменш (Посветување на пролетта) (ДТ „С. Бочваров“, Варна, Р. Бугарија, 2023 г.), и сценската варијација Бесни синови, а носи наслов Лаборатории – поради пристапот/експериментот преку кој се пишувани/изведени на сцената.
Текстовите за изведба Инферно (НТ„Ј. Х. К. Џинот“, Велес, 2022 г.) и Сестрите Прозорови (НТ „Ј. Х. К. Џинот“, Велес, 2020 г.) се адаптации на два капитални наслови од светското книжевно/драмско наследство: Пеколот од Д. Алигиери и Три сестри од А. П. Чехов, и го чинат петтиот дел од оваа книга, додека, пак, во претпоследниот темат се сместени две коавторски адаптации – на романите Алма Малер (2015 г., МНТ) и Петтото годишно време (НТ „Ј.Х.К. Џинот“, 2021 г.).