– Како да било, те најдов. Дрва берев, по отадешната страна на ридот… Кога припукавте и вие, и тие одоздола по вас. Мислев, пепел ќе ја направат целата планина. Потоа, кога престанаа и одминаа по патот, си ја завршив работата со дрвата, го натоварив коњот и заслегував. Те видов… Прво те чув како јачеше во сонот…
– Ами дрвата? Ти останаа горе?…
– Молчи, многу зборуваш, синко. Не ти е арно, и затоа подобро да молчиш. Да стигнеме еднаш дома.
од расказот „ОД ПАТОТ ЗА НИКАДИЈА“
„Без видело да се остават проклетите убијци на Стефан, заплеснати од корисниот повеј заедно со развитлените чадишта кон нив по висините, што ќе ни ја олеснат работата, има да си го проколнат мајчиното млеко – па нека му биде колку што сака илјадна војската!“
Дотука. Понатаму, ѓаволот како што ќе помогне. Запрено беше напредувањето на замислувањата. Требаше да се повикаат извршувачите и да им се предаде на извршување планот, и да се успее пред сè, пред сè со времето, додека се засилува овој восхитувачки ветер!
од расказот „ЦРНА НОЌ ДО ГРОБА“