Телефон: +389 2 3296 - 763
header_bg

Дигиталниот свет во кој живееме нè поттикнува да го избереме филмот пред книгата според која е направен, а вртоглаво динамичното

секојдневие ни го скратува слободното време за континуирани средби со книгите. Сепак, ниту еден изговор не е доволно силен за да го оправда дистанцирањето од книжните извори на знаење и инспирација.

Книгa

Читањето книги без сомнеж го подобрува животот. Еве зошто треба да се дружите со книги секој ден:

Читањето е храна, но и фитнес за мозокот. Исто како на мускулите, и на мозокот му е неопходно вежбање за да остане во добра форма. Читањето нуди забавна ментална стимулација, која го одржува мозокот активен. Колку повеќе го ангажирате мозокот, толку посилен и поздрав ќе биде и ќе ве служи подолго време. Научните истражувања потврдуваат дека редовното читање книги го намалува ризикот од Алцхајмерова болест кај старите лица и го забавува напредувањето на болеста.

Книгите ја убиваат здодевноста и времето „лета“. Понекогаш ниту десетиците телевизиски канали и неисцрпното интернет пространство не нè спасуваат од здодевноста. Книгите се ефикасен убиец на здодевноста, кој убива додека нè полни со знаење и животни лекции. Заглавени сте во автобус на долг пат? Нервозно чекате да изминат неколку часа? Времето ќе „летне“ ако изберете да читате. Часовите се претвораат во минути кога сте „проголтани“ од возбудлива книга.

Читањето го подобрува памтењето. За да навлезете во сржта на книгата, неопходно е да помните многу информации кои ви се сервираат додека прелистувате од корица до корица – шареноликоста на ликовите, нивните имиња, нивното минато, амбициите и намерите… Со тоа ја подобрувате работата на мозокот, го зголемувате неговиот интелектуален капацитет и го изострувате памтењето.

Читањето е одлична вежба за концентрација. Читајќи, вие мора да останете фокусирани на дејството за да не се изгубите во динамиката на книгата. Откривајќи го значењето кое се крие во низите од зборови, вие не му дозволувате на мозокот да се расејува и си ја подобрувате концентрацијата.

Читањето е ефективен метод за релаксација и тајно оружје против стресот. Книгите ви даваат можност да избегате од секојдневието, грижите и обврските и привремено да заборавите на сè што се случува околу вас. Навлегувајќи во нов свет, вие на одреден начин го одмарате мозокот и го испраќате телото во релаксирачка состојба која на неочекуван начин ве исполнува со смиреност. Доволно е само 6 минути да се задлабочите во добро напишана книга за да го намалите стресот за 68%.

Книгите го надополнуваат стекнатото знаење. И најлошите книги кријат низ страниците нешто ново за вас. Ѕиркајќи во нови култури и места низ светот, извлекувајќи поуки од туѓи грешки, консумирајќи ги мудростите на авторите и проникнувајќи во човековата психа, вие го надградувате знаењето кое никој не може да ви го одземе. Секоја книга го храни вашиот мозок со бројни информации кои ве прават помудри и поподготвени за авантурата наречена живот.

Читањето и елоквентноста одат рака под рака. Елоквентните личности ја обожаваат книжевноста. Тонењето во убавината на пишаниот збор го збогатува активниот и пасивниот речник, па колку повеќе книги сте оставиле со етикетата „прочитани“, толку потечно и побогато ќе се изразувате. Како што кога бевте мали деца апсорбиравте нови зборови преку доловување на нивното значење од контекстот, така со читањето „впивате“ нови зборови и фрази со кои можете да импресионирате.

Книгите ја будат креативноста и ја зголемуваат љубопитноста. Со секое превртување на нова корица, вие навлегувате во нови и нови светови кои ги рушат границите што си ги поставува човековиот ум. Анализирањето на размислувања и ставови кои не се поклопуваат со вашите, ви ја распламтува фантазијата и ви ја зголемува креативноста. Книгите се и „порок“ кој создава добра зависност. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате.

Читањето е „наследно“ и ја зајакнува врската родител-дете. Како родител, вие сте пример за децата и колку почесто ве гледаат со книга в рака, толку поголеми се шансите да се заљубат во читањето. Читањето има моќ и да ги зајакне односите родител-дете. Читајќи им на своите мали деца пред спиење, родителите ја засилуваат поврзаноста и поминуваат квалитетно време со своите најмили.

Книгите го подобруваат друштвениот живот. Кога ќе сретнете личност која го обожава вашиот омилен автор, веднаш чувствувате поврзаност и лесно ја пуштате во вашиот пријателски круг. Но, книгите не само што создаваат нови пријателства, туку тие се и неисцрпен извор на разговори со старите пријатели. Најдоброто е што прочитаните книги ви даваат солидна основа за подобро и подлабоко разбирање на меѓучовечките односи. Умеете без проблем да го разберете однесувањето на познаниците, а уште подобро и своето однесување, па станувате сè подобар и попосакуван пријател.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *